На аеродромот „Аџитепе“ во Куманово на 27ми мај 1962 година била подигната мала населба, логор на младоста, логор на развиени разнобојни знамиња, логор на распеана и разиграна младост, логор на младината од кумановската околија.
Илјада младинци и девојки ја манифестирале својата младост во најразлични културно-уметнички и спортски натпревари. Богатата културно-уметничка програма, во чија изведба учествувале мадинци од сите општински центри ја надополнувале и онака пријатната атмосфера. Непрестано се слушале пријатни мелодии од исполнителите.
На спротивната страна од бината на која се изведувала програмата се одржувале натпревари во ракомет и одбојка помеѓу екипите од поодделни општини. Одвреме на време, разгласната станица ги соопштувала резултатите постигнати од натпреварите
Илјада кренати глави кон небесното синило ги посматрале скоковите на Нада Ицева, Зоран Павловски и Стоја Спасовска. Скокала младоста за да ја задоволи својата страст кон витешкиот спорт.
Со песна, радост и смеа, со желба за постигнување успех поминал денот, кој заедно со другите најразлични акции на Околискиот и Општинскиот комитет на младината од Куманово, го величеле Денот на младоста, а истовремено и 70от роденден на претседателот на Републиката, Јосип Броз Тито.
Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 12 (вторник, 1 мај 1962. година)