Собирала пари за куче што веќе било мртво, па заврши зад решетки

Сподели со своите пријатели

26-годишната Кана Судо од Јапонија е уапсена и обвинета дека собрала околу 16.000 долари за лекување куче кое веќе умрело.

Судо била уапсена на 13 јануари и обвинета за обид за измама, објави јапонскиот весник Yomiuri Shimbun. Тие тврдат дека невработената жена го признала тоа што го направила.

Според Asahi News, нејзиното куче починало во август, а таа побарала донации за лекување на кучето на социјалните мрежи во најмалку три наврати од 19 октомври до 13 декември минатата година.

Таа, исто така, започнала кампања за групно финансирање во која тврдела дека нејзиниот ретривер Тои страда од ризичен срцев проблем.

Таа објавила и фотографија од кучето и неговата медицинска евиденција.

„Тои има тешка срцева болест. Не сакам да се откажам бидејќи немам доволно пари. Сите средства што ќе ги соберам ќе бидат наменети за неговото лекување. Доколку се соберат повеќе пари отколку што е потребно, ќе ги искористиме за идни ветеринарни прегледи и лекови“, напиша Судо.

Нејзината акција ја поддржале 407 луѓе. Судо собрала 1.844.500 јапонски јени или 16.112 долари.

Во полиција ја пријавило анонимно лице, а сѐ уште не се знае дали парите ќе им бидат вратени на донаторите, пишува Indy100.