Во срцето на огромната бразилска дождовна шума живеел еден човек, целосно изолиран, откако последните членови на неговото племе биле убиени во 1995 година.
Неговото име и возраст никогаш не беа откриени, бидејќи избегнувал секаков контакт со надворешниот свет, иако властите го следеле и повремено му оставале залихи.
Човекот е единствениот преживеан од серија напади, наводно од страна на сточари гладни за земја, уште од 1970-тите, кога Амазон стана жариште на насилна експлоатација.
Медиумите го нарекуваа „најосамениот човек на светот“ или „човекот од дупката“, а тој го поминувал времето ловејќи, одгледувајќи растенија и реновирајќи ја својата колиба.
Тој припаѓал на домородна група што живеела во Танару, изолирана област во бразилската држава Рондонија на границата со Боливија.
Кога другите биле убиени, тој се повлекол длабоко во дождовната шума и преживеал сам во сурови услови речиси три децении.
Човекот се прилагодил на уникатни околности – ловел самостојно, правел алатки и прибор и изградил дом од палми. Секогаш кога претставници на надворешниот свет ќе се обидувале да го контактираат, тој бегал! Никој не знаел на кој јазик зборува, ниту дали му треба нешто.
Светот првпат дозна за тоа во 1996 година, кога локалните власти забележале знаци на живот во изолираната област Танару. Ловците го забележале неколку пати – бил многу агилен, носел лак и стрела, а парче ткаенина му ги покривало гениталиите.
Копал длабоки дупки во земјата и ги покривал со лисја за да лови животни – мајмуни и диви свињи, и така го добил прекарот „човек од дупката“. Одгледувал пченка и папаја околу својата колиба.
Неговата тажна приказна стана вирална, бидејќи беше тајно снимен во 2018 година. Потоа луѓето можеа да го видат како сече дрва со импровизирана секира. Штом ја виде камерата, веднаш избега. По децении избегнување на цивилизацијата, „најосамениот човек на светот“ почина, а властите го пронајдоа неговото тело во лежалка надвор од колибата во август 2022 година.