Словенија ја призна Палестина

Сподели со своите пријатели

Во вторникот, словенечкиот парламент го одобри признавањето на независна палестинска држава со мнозинство гласови, откако неодамна тоа го направија Шпанија, Ирска и Норвешка.

Loading...

Владата на Словенија на 30 мај донесе одлука за признавање на палестинската држава.

На 28 мај Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава, што предизвика остра реакција од Израел.

Од 27-те членки на Европската унија, палестинската држава претходно ја признаа Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија, додека Малта најави дека тоа може да го стори наскоро.

Велика Британија и Австралија рекоа дека размислуваат за признавање, а Франција рече дека сега не е време за тоа.

„Со денешното признавање на Палестина како суверена и независна држава, му даваме надеж на палестинскиот народ на Западниот Брег и Газа“, напиша на интернет словенечкиот премиер Роберт Голоб.

Десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша побара референдум за признавање, што ќе го одложи гласањето во парламентот за најмалку еден месец.

СДС, најголемата опозициска партија, тврдеше дека ова не е вистинско време да се признае независна палестинска држава и дека овој потег само ќе ја награди „терористичката организација Хамас“.

Loading...

Откако владејачката коалиција, која има мнозинство во парламентот, се обиде да најде начин да го заобиколи барањето за референдум и гласање за признавање, СДС го повлече предлогот, за неколку часа подоцна повторно да го достави.

Но, собраниската Комисија за надворешни работи на вонредна седница го одби барањето како несоодветно.

Одлуката за признавање на крајот ја поддржаа 52 од вкупно 90 пратеници, а никој не беше против откако пратениците од СДС ја напуштија седницата.

Израел се бори против Хамас, кој управува со Газа, откако екстремистите од групата ја нападнаа израелската територија на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци. Се верува дека речиси 130 заложници се уште се држат во заробеништво во Газа.

Здравствените власти во енклавата соопштија дека повеќе од 36.000 Палестинци загинале во војната во последните седум месеци.