Словенија избрана за една од непостојаните членки на Советот за безбедност на ОН

Сподели со своите пријатели

Словенија вчера доби најмногу гласови за позицијата непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, победувајќи ја кандидатката Белорусија.

Loading...

На тајните избори во Генералното собрание од 193 членови, Словенија доби 153 гласа, додека Белорусија 38 гласа.

„Земјите-членки на Обединетите нации несомнено одлучија дека сериозните прекршувања на човековите права во Белорусија ја дисквалификуваат таа земја од членството во Советот за безбедност, клучното тело за заштита на човековите права“, велат извори блиски до ОН.

Четирите други земји избрани во Советот за безбедност со двегодишен мандат се Гвајана, која доби 191 глас, Сиера Леоне со 188 гласа, Алжир со 184 гласа и Јужна Кореја со 180 гласа.

Непостојаните места во Советот за безбедност на ОН се доделуваат на регионални групи, кои обично избираат кандидати.

Пет нови членки ќе го започнат својот мандат на 1 јануари, заменувајќи пет земји чиј двогодишен мандат завршува на 31 декември: Албанија, Бразил, Габон, Гана и Обединетите Арапски Емирати.

Советот за безбедност на ОН е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, но поради правото на вето на Русија не можеше да преземе мерки за Украина.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон изјави за новинарите дека е изненадена од поддршката за нејзината земја.

Loading...

Таа рече дека тоа докажува дека Словенија го убедила огромното мнозинство земји-членки на ОН дека може да биде „доверлив партнер“.