Словенија е за зајакнување на економските санкции против Руската Федерација, вклучително и забрана за увоз на руска енергија во ЕУ, изјави словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар.
„Русија го продолжува нападот (на Украина), затоа треба да имаме решителен одговор на економското поле и да ги зајакнеме санкциите. Треба да ги затвориме пристаништата, да го забраниме увозот на енергија и јасно да ја поддржиме иднината на Украина во Европската унија“, рече Логар во изјавата пред седницата на Совет за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел.
Главна тема на седницата е развојот на кризата поврзана со рускиот напад, а по состанокот на шефовите на европските дипломатии ќе следи состанок на министрите за одбрана на 27-те земји-членки на ЕУ.