Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави дека самитот на алијансата ќе се одржи на 7 и 8 јули следната година во Анкара, главниот град на Турција.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Турција за домаќинството на овој важен состанок. Турција е силен сојузник на НАТО повеќе од 70 години и дава непроценлив придонес за нашата заедничка безбедност“, објави Руте на веб-страницата на Алијансата.
Тој додаде дека лидерите на следниот состанок ќе продолжат да ја зајакнуваат Северноатлантската алијанса и дека таа ќе биде уште посилна, пофер, воено поспособна и поподготвена да одговори на клучните предизвици за заедничката безбедност на членовите.
Ова е втор пат Турција да биде домаќин на самит на НАТО, по Истанбул во 2004 година.
Самитите на Алијансата ги собираат лидерите на сојузничките земји за да донесат одлуки за важни прашања со кои се соочува организацијата.