Партерното уредување на локацијата Спомен Костурница во Куманово ќе започне следната недела, најави денеска градоначалникот Максим Димитриевски.
Проектот е дел од заедничка апликација за прекугранична соработка на општините Куманово и Гњилане, а во рамки на обновување и зачувување на културното наследство на територијата на градовите.
– Со овој проект е предвидено партерно уредување на локацијата Спомен Костурница, изградба на три спортски терени, дополнително изградба на амфитеатар на постоечкото игралиште и доколку имаме секако заштеди во делот на тендерската постапка на средствата ќе пристапиме на реконструкција и на веќе постоечкото игралиште. Во рамки на реализација на овој проект ќе се вклучи и ЈП „Чистота и зеленило“ кое што има обврска да ги дислоцира т.е да ги пресади веќе постоечките садници на оваа локалција каде што ќе се реализира градбата и дополнително општината со сопствени средства и со поддршка на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе засади дополнителен број на нови насади со цел да се зголеми зелениот капацитет во градот, изјави градоначалникот Димитриевски.
Како што вели Димитриевски, Спомен Костурница е место каде што со години не е инвестирано, а со ова ќе се зголемат не само спортските капацитети, туку и ќе биде место за релаксација на граѓаните.
Димитриевски го потенцираше и историското значење на локацијата, каде се наоѓаат остатоците на предците кои учествувале во борбите во Втората светска војна.
– Верувам дека во иднина и државата ќе изнајде дополнителни средства да го реконструира и споменикот на Спомен Костурница кој што е споменик од прва категорија и е под заштита на државата, а ние да пристапиме дополнително на партерно уредување. Оваа локација треба веќе следната година да добие нов модерен лик со изградени нови спортски терени и дополнителни трим патеки за трчање, рекреирање на младите луѓе и дополнително да се намонтира урбана опрема, клупи, справи за вежбање и рекреација, изјави Димитриевски.
Проектот ќе чини околу 180 до 190 илјади евра, средства добиени како грант од Европската унија.
– Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на ЕУ за давање на можност за апликација на овој конкурс кој што беше распишан од нивна страна, а е во рамките за прекугранична соработка на општините. Ние со општина Гњилане веќе имаме реализирано еден успешен проект, а тоа е реконструкција на градските пазари или изградба на кровна конструкција на градскиот пазар, изјави Димитриевски.
Покрај партерното уредување, Општина Куманово има обезбедено и средства за реконструкција на тамошната Спомен куќа.
– Покрај партерно уредување обезбедени се средства за реконструкција на познатата Спомен Кука преку проектот: Иницијатива за прекугранична соработка (МАКС – ФОРУМ) која исто така е финансиран од ЕУ а се имплементира во партнерство помеѓу: Институт Балкан Про Европа – Скопје и Косовска Фондација за културно наследство без граници, изјави Донка Петровска, Советник за претпристапна помош во Одделение за меѓународна соработка и евроинтеграции.
Спомен Куќата во иднина ќе послужи за изложба на експонати од културно и историско значење на градот.
Никола Ивановски