Цените на акциите на глобалните технолошки компании и производителите на чипови нагло пораснаа на светските пазари во понеделник, откако САД и Кина постигнаа договор за намалување на „реципрочните“ царини од 125 на 10 проценти.
Акциите на технолошките компании, како што се производителите на полупроводници и паметни телефони, беа под голем притисок во последните недели поради трговскиот конфликт меѓу двете најголеми економии во светот, кој се закани да ги наруши глобалните синџири на снабдување и негативно да влијае врз работењето на најголемите американски компании.
Инвеститорите денес воздивнаа со олеснување, откако разговорите меѓу САД и Кина во текот на викендот вродија со плод и доведоа до привремено суспендирање на реципрочните царини.
На американскиот пазар, цената на акциите на Nvidia се зголеми за околу четири проценти, а на AMD за пет проценти.
Акциите на „Бродком“ и „Квалком“ исто така пораснаа за речиси 5 проценти.
Други компании од синџирот на снабдување со полупроводници, исто така, забележаа значителен раст на цените.
Акциите на „Марвел“, кои го одложија претходно договорениот ден за инвеститорите минатата недела поради макроекономските неизвесности, пораснаа за 7,5 проценти.
Тајванскиот TSMC, најголемиот производител на чипови во светот, оствари зголемување на цената на акциите на американските берзи за 4 проценти.
Во Европа, акциите на ASML, производителот на машини за изработка на најнапредни чипови, пораснаа за 4,5 проценти.
Акциите на „Амазон“ и „Епл“ растат…
Иако американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец ги исклучи полупроводниците и одредени електронски производи од неговиот план за воведување високи царини со цел да се постигнат нови трговски договори што би го намалиле трговскиот дефицит на САД во размената на стоки, Вашингтон рече дека ова е само привремена мерка и дека специјални царини се сè уште можни.
Инвеститорите беа загрижени за последиците од тој трговски конфликт за големите технолошки компании, особено оние со силна изложеност на кинескиот пазар, како што се Apple и Amazon, чии акции се остро корегирани надолу од почетокот на годината.
„Епл“, која сè уште произведува 90 проценти од своите „ајфони“ во Кина, во неодамнешниот финансиски извештај објави дека очекува зголемување на трошоците за 900 милиони долари во овој квартал поради царините.
Акциите на Apple денес пораснаа за повеќе од шест проценти.
Од друга страна, „Амазон“ забележа зголемување на цената на акциите за повеќе од осум проценти. Всушност, многу продавачи на таа платформа зависат од кинеските добавувачи.
Кинеските технолошки компании котирани на американските берзи, исто така, имаа значителен пораст на цените на акциите. Акциите на Alibaba, JD.com и Baidu остварија најголем раст.
„Јасно е дека САД и Кина брзо се движат кон поширок трговски договор и веруваме дека нови пазарни и технолошки откритија се на повидок во текот на 2025 година“, рече Даниел Ивс, глобален раководител на технолошки истражувања во „Ведбуш секјуритизи“.