Францускиот амбасадор во Австралија Жан-Пјер Тебо го осуди потегот на австралиската влада да објави приватни текстуални пораки од францускиот претседател Емануел Макрон.
Ваквиот потег тој го окарактеризира како најнова „невидена најниска точка“, наведувајќи дека ќе предизвика загриженост кај другите светски лидери дека зборовите што ги изговориле би можеле да се користат како „оружје“ против нив, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Амбасадорот Тебо рече дека „протекувањето“ на СМС-пораката на францускиот претседател е назадување „во однос на вистината и довербата“ и дека би било „тажно“ доколку ова е одговорот на австралиската влада на барањето на Франција за конкретни активности за решавање на овој спор.
Австралискиот премиер Скот Морисон денеска пред новинарите во Дубаи изјави дека „никогаш нема да се извини“ за откажувањето на францускиот договор за испорака на подморници кои „нема да ја завршат работата што треба да ја заврши Австралија“.
Морисон не го оспори тврдењето дека неговата канцеларија објави СМС-порака, туку само рече: „Наводите се изнесени и тие тврдења се побиени. Она што сега е потребно е да се продолжи понатаму“.
Спорот меѓу Австралија и Франција произлегува од обвинувањето на Макрон дека Морисон го лажел за плановите на Австралија со САД и Велика Британија за купување подморници на нуклеарен погон, во замена за француски проект вреден 90 милијарди долари.
Морисон го отфрли тврдењето на Макрон, а неколку австралиски медиуми потоа објавија дека францускиот претседател му испратил СМС на австралискиот премиер два дена пред објавувањето на договорот „Аукус“ во средината на септември, прашувајќи го: „Дали да очекувам добри или лоши вести за нашите заеднички подморнички амбиции?”
Францускиот амбасадор во Канбера рече дека „протекувањето“ на пораката нема да помогне да се изгради доверба за поправка на односите.
„Ова е ново најниско ниво без преседан, и во однос на тоа како да се продолжи, и во однос на вистината и довербата“, рече Тебо.
„Вие не се однесувате вака кога станува збор за лична размена на ставови на лидери кои се сојузници. Но, можеби тоа е само потврда дека тие никогаш не не гледале како сојузници“, рече амбасадорот.
Тој наведе дека тоа испраќа и многу загрижувачки сигнал до сите шефови на држави и дека треба да бидат внимателни, бидејќи во Австралија ќе има протекување информации.
„И она што во доверба им го кажувате на вашите партнери на крајот, еден ден, ќе биде искористено како оружје против вас“, рече францускиот амбасадор.