Поминаа 12 години од почетокот на граѓанската војна во Сирија, а според Сириската мрежа за човекови права, повеќе од 230.000 Сиријци се убиени, а над 13 милиони раселени од 2011 година.
Во извештајот објавен по повод 12-годишнината од продемократските протести во Сирија во 2011 година, кои беа насилно задушени од режимот на Башар ал Асад, се наведува дека биле убиени 230.224 цивили.
Војната најмногу ги погоди децата, кои растат во тешки услови во многу бегалски кампови во и околу Идлиб.
Според групата за човекови права, околу 56 отсто од жртвите биле убиени за време на втората и третата година од војната.
Околу 52 отсто од смртните случаи биле пријавени во провинциите Дамаск, Алепо и Хомс.
Од 2011 година, повеќе од половина од сирискиот народ се раселени.
„Околу 13,3 милиони Сиријци побарале засолниште во други земји или се внатрешно раселени“, се додава во извештајот.