Сирија побара помош од ЕУ по разорниот земјотрес

Сподели со своите пријатели

По Турција, Сирија побара помош од Европската унија за отстранување на последиците од разорниот земјотрес што ги погоди двете земји, објави денеска еврокомесарот Јанез Ленарчиќ и ги охрабри земјите-членки на ЕУ да пружат помош.

Loading...

„Утрово добивме барање за помош од сириската влада преку механизмот за цивилна заштита. Тоа барање го споделуваме со земјите-членки на ЕУ и ги охрабруваме да ја дадат бараната помош“, рече Ленарчиќ, кој е задолжен за управување со кризи, на прес-конференција.

Ленарчиќ додаде дека е важно да се обезбеди оваа помош да оди кај луѓето на кои им е потребна и да не се пренасочува, како и дека ЕУ ќе ја надгледува.

Властите во Дамаск се под меѓународни санкции од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.

Иако Европејците испратија помош за Турција неколку часа по земјотресот во понеделникот на барање на земјата, прашањето за испраќање помош за Сиријците, особено во бунтовничката зона Идлиб на северозапад од земјата, се покажа како посложено.

Еврокомесарот рече дека на Сирија ѝ е потребна помош за спасување на луѓето затрупани под урнатините, како и лекови и медицинска опрема и итна помош во храна.

Тој посочи дека земјотресот само ја влошил и онака драматичната хуманитарна ситуација по десет години војна во Сирија.

Ленарчиќ рече дека до денес, 20 земји од ЕУ и три поврзани европски земји ветиле дека ќе испратат вкупно 1.500 спасувачи и лекари, како и 100 кучиња трагачи и спасувачи во Турција.

Loading...

Бројот на загинати во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија се искачи на повеќе од 11.200, покажуваат најновите официјални податоци објавени денеска.

Белите шлемови, спасувачка група во зоната на бунтовниците во Сирија, денеска ја повикаа меѓународната заедница да испрати тимови да им помогнат во трката со времето за да ги спасат луѓето заробени во урнатините.

Белите шлемови, кои се потпираат на долгогодишното искуство стекнато за време на војната во Сирија, ги водат спасувачките операции на северот на Сирија, кој е под контрола на бунтовниците.

Досега во Сирија се регистрирани повеќе од 2.500 смртни случаи, а околу половина од нив во бунтовничките области на северот, блиску до Турција, каде живеат околу четири милиони луѓе. Помошта стигнува до тие зони преку само еден премин од Турција, но според ОН, патот што води до тој премин од Турција е оштетен, што привремено ги прекинува спасувачките операции.

САД вчера соопштија дека ќе соработуваат со локалните невладини организации во Сирија за да им помогнат на жртвите од земјотресот, отфрлајќи каква било поврзаност со владата во Дамаск.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД имаат партнерски хуманитарни организации кои финансираат и испорачуваат помош за спасување животи.

Тој рече дека средствата ќе одат за сирискиот народ, а не за режимот во Дамаск.