Повеќе од 30 лица се убиени, а речиси 100 се ранети во судирите меѓу локалните милиции и племенските групи во сириската покраина Свеида, соопштија властите, испраќајќи воени сили во областа за да воспостават ред.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија објави дека најмалку 37 лица, вклучувајќи две деца, се убиени во судирите.
Судирите избувнаа меѓу вооружени групи кои припаѓаат на религиозното малцинство Друзи и сунитските бедуински племиња кои живеат во близина на покраината Свеида.
Според опсерваторијата, сириската армија испратила конвои и дополнителни војници во Свеида за да го зајакне надзорот на безбедносните контролни пунктови и да се обиде да го ограничи брзо ескалирачкото насилство.
Извештаите укажуваат дека конфликтот се случил по серија меѓусебни киднапирања, што дополнително ја влошило веќе напнатата ситуација во овој дел од земјата.
Судирите, наводно, започнале кога членови на бедуинско племе поставиле импровизиран контролен пункт каде што нападнале и ограбиле млад трговец со зеленчук Друзи.
Рами Абдурахман, директор на Сириската опсерваторија за човекови права, изјави дека инцидентот со киднапирањето на трговецот предизвикал низа одмазднички напади и меѓусебни киднапирања меѓу двете страни.
Сириското Министерство за внатрешни работи ја опиша ситуацијата како „опасна ескалација“ и изрази загриженост поради „отсуството на ефикасни државни институции на терен, што доведе до влошување на хаосот, нарушување на безбедносната ситуација и неможноста на локалната заедница сама да ја смири ситуацијата, и покрај повеќекратните повици за воздржаност и деескалација на тензиите“.
Министерствата за одбрана и за внатрешни работи на Сирија потврдија дека распоредуваат дополнителни безбедносни сили во областа за да се обидат да ја стабилизираат ситуацијата, која се заканува да ескалира во уште поширока етничко-племенска конфронтација.
Свеида, која е претежно населена со Друзи, долго време беше поштедена од големи конфликти за време на граѓанската војна во Сирија, но најновите случувања укажуваат на зголемени тензии меѓу различните етнички и религиозни групи во областа, според АП.
Најновите борби се случуваат во време кога централната влада во Дамаск е под зголемен притисок да ја врати контролата врз делови од земјата кои со години се надвор од нејзина целосна контрола, а истовремено се соочува и со бројни хуманитарни, економски и безбедносни предизвици.
Опсерваторија предупреди дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми, со оглед на тоа што интензитетот на конфликтот не се намалува, а многу ранети се во критична состојба.
Локалните болници известуваат за недостиг на медицински материјали и персонал, што го отежнува уште повеќе одговорот на итните потреби на населението погодено од насилство.