Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска претседаваше со вонредна седница на владата, свикана поради разорниот земјотрес што ја погоди пограничната област меѓу Турција и Сирија и во кој, според последните податоци, во Сирија загинаа повеќе од 300 луѓе.
Министерството за одбрана најави мобилизација на сите свои единици и ресурси за учество во потрагата по преживеани и помош на повредените.
Како што јави сириската новинска агенција Сана, во земјотресот се повредени голем број луѓе, а оштетени се и многу згради.
Најголеми последици од земјотресот имало во провинциите Алепо, Хама и Латакија и Тартус, се наведува во соопштението на сириската влада.
Спасувачите соопштија дека во деловите на Сирија кои се под контрола на опозицијата десетици луѓе загинале, а стотици се повредени.