Најмалку 13 лица загинаа, а три се водат како исчезнати по невремето што го погоди јужниот дел на Бразил во периодот од четвртокот до петокот, соопштија властите во неделата.
Непрестајните дождови и силните ветрови предизвикаа штети во десетици општини во државата Рио Гранде до Сул, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Порто Алегре.
„Бројот на загинатите се искачи на 13, вклучително и четиримесечно бебе, по откривањето на две тела во градот Кара, кој се наоѓа во еден од најтешко погодените региони“,објави на Твитер Цивилната заштита на оваа федерална држава, која граничи со Уругвај и Аргентина.
„Потрагата продолжува“, велат тие.
Бројот на исчезнати, сепак, е ревидиран надолу, од 20 во саботата на три, сите од крајбрежниот град Кара, 90 километри од Порто Алегре, со население од 8.000 жители.
Силни ветрови го зафатија брегот, вклучително и градот Трамандаи, каде според официјалните податоци се забележани удари на ветер до 101,9 км/ч, пренесува Хина.
Околу 84.000 луѓе останаа без струја
Локалните медиуми објавија слики како автомобил го носи силниот ветер во близина на гробиштата.
„Водата ни се искачи до половината во куќата. Фала му на Бога, пожарникарите брзо дојдоа и нѐ ставија во кануата. Се чинеше како кошмар“, изјави жител на градот Сао Леополдо за весникот Естадао.
Другите луѓе се евакуирани со хеликоптер. Оштетени се домовите на речиси 5.000 жители, а во неделата околу 84.000 луѓе се уште беа без струја.
Околу 800 беа евакуирани како мерка на претпазливост Сојузниот гувернер на државата Едуардо Леите во саботата, по хеликоптерското извидување на најпогодените области, објави дека четиримесечно бебе починало поради недостаток на медицинска помош во Сао Себастијао до Каи, погодено од невремето.
„Нашата главна цел во оваа фаза е да заштитиме и спасиме човечки животи. Да ги спасиме изолираните луѓе, да ги лоцираме исчезнатите лица и да им пружиме помош на семејствата“, рече Леите. Во Сао Леополдо, град со 240.000 жители кој се наоѓа на половина час возење од Порто Алегре, во период од 18 часа наврнале 246 литри дожд на метар квадратен.
„Ниво што не е видено во историјата на овој град“, изјави градоначалникот на Порто Алегре, Ари Хозе Ваначи.
Во Караи, каде ситуацијата сѐ уште е загрижувачка, отворен е центар во кој ќе бидат сместени стотици жртви.
Во неделата улиците на Ново Хамбурго, Линдолфо Колор и Сао Леополдо сè уште беа поплавени, куќи беа уништени, а возилата сè уште беа делумно покриени од брановите.
Кога дождот престана, војниците успеаја да изведат спасувачка акција. Но, новите врнежи од дожд и ниските температури, кои се најавени за средината на следната недела, повторно би можеле да ја комплицираат и онака тешката состојба во областа.
Бразил во последните години е погоден од смртоносни временски настани, а експертите не исклучуваат дека тие се поврзани со климатските промени.
Ефектите се уште попогубни во контекст на неконтролирана урбанизација.
Најмалку 65 лица загинаа во февруари во поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од бурните дождови во државата Сао Паоло.
Приближно 9,5 милиони од 215 милиони Бразилци живеат во области со ризик од поплави или лизгање на земјиштето.