Силен ветер ноќеска искорнал дрвја и бандери на повеќе локации во Куманово, информираат утринава надлежните.
Територијалната противпожарна единица Куманово интервенирала при отстранување на паднати бандери и двја на булеварот „Октомвриска револуција“ населбата Карпош, улицата „Бранко Богдански Гуцман“, улиците „120“ и „173“.
На терен како што информираат од Регоналниот центар за управување со кризи, биле четири екипи со по тројца пожарникари.
Од утринава на терен се и екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кои ги отстрануваат паднатите дрвја.
– Вчерашниот силен ветер кој го зафати подрачјето на Куманово во вечерните часови, предизвика оштетување на дел од високата вегетација, а нашите екипи интервенираа на расчистување на паднати дрвја и гранки, информираат од претпријатието.
Засилен ветер се очекува и во текот на денешниот ден, а според УХМР, се очекува да достигне налети и до 50 километри на час.
Времето ќе биде облачно со кратки сончеви периоди, но и со услови за дожд.
Издадено е и портокалото предупредување за силен ветер.
Никола Ивановски