Силна инфлација во Аргентина: Пензионерите добиваат парична помош, работниците кредити

Сподели со своите пријатели

Аргентинското Министерство за економија најави мерки кои треба да го ублажат притисокот на инфлацијата врз работниците и пензионерите, зголемен со девалвацијата на пезосот како дел од преговорите со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за заемот.

Loading...

Владата во следните три месеци на речиси 3,7 милиони пензионери ќе им исплати по 37 илјади пезоси (околу 105 долари по сегашниот официјален курс), наведе министерот за економија Серџо Маса во списокот мерки на Инстаграм.

Работниците ќе добиваат кредити во вкупна вредност од 400 милијарди пезоси, а самовработените ќе добијат даночни олеснувања за период од шест месеци, напиша министерот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тајфунот Усаги ги погоди Филипините, петта голема бура во последните три недели

Владата, исто така, ќе ја зголеми поддршката за храна, рече Маса.

Тој најави и прекин на наплатата на извозните давачки за група производи, како што се виното, оризот и тутунот, како и субвенциите за откуп на вештачки ѓубрива за земјоделците чии посеви претрпеа во најголемата суша во историјата на Аргентина.

Со поддршка на банкарско финансирање, владата ќе обезбеди 770 милиони долари стимулации за извозот, а на компаниите им наложи да обезбедат додаток за 5,5 милиони работници чии плати не надминуваат 400 илјади пезоси (1.140 долари по официјалниот курс), рече министерот за економија.

„Целта е секој економски сектор да добие државна помош“, посочи тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во Германија расте омразата кон странците

Владата пред две недели го девалвираше пезосот за речиси 20 отсто, што дополнително ја подгреа и онака високата инфлација и дополнително ја намали куповната моќ на граѓаните.

Loading...

Инфлацијата во Аргентина е околу 115 проценти.

Девалвацијата на пезосот е резултат, според Маса, на барањето на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој преговара за заем од 44 милијарди долари со Аргентина.

Маса е кандидат на владејачката партија на претседателските избори што ќе се одржат на 22 октомври.

Во анкетите тој моментално е изедначен со опозицискиот кандидат, поранешната министерка за безбедност Патриша Булрих и ултралибертарниот аутсајдер Хавиер Милеа.

Претседателските избори во Аргентина, голем светски производител на храна, ќе бидат под лупа поради преговорите со ММФ, но и поради влезот во групата БРИКС од јануари 2024 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  4.000 рудари заробени во рудник: Властите негираат одговорност за нив, а тие останаа без храна и вода