Атинскиот геодинамички институт соопшти дека земјотрес со јачина од 5,2 степени го погодил островот Евија, околу 50 км североисточно од Атина, на длабочина од 10 км.
Претставник на противпожарната служба изјави за Ројтерс дека досега нема повици за помош.
„Нашите тимови се на терен и проверуваат за евентуални штети“, додаде претставникот.
Земјотресот со јачина од 5,2 степени по Рихтер, кој беше регистриран 27 минути по полноќ на островот Евија, се наоѓаше на 5 километри од Неа Стирас, а хипоцентарот беше на длабочина од 13,6 километри, изјави за државната телевизија ЕРТ професорот по геологија и претседател на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита (ОАСП) Ефимиос Лекас.
„Досега се регистрирани најмалку 15 последователни потреси со магнитуда до 2,7 степени. Веројатно е главниот земјотрес, но треба да почекаме за понатамошниот развој на сеизмичката активност“, изјави денес за ЕРТ професорот по геологија и претседател на ОАСП, Ефимиос Лекас, пренесува „Катимерини“.