Во цела Украина утринава е прогласена тревога поради силен руски напад, а погоден е и главниот град Киев и неколку региони, каде има жртви и разурнувања, соопштија украинските власти.
Вооружените сили на Украина известија дека неколку авиони Ту-95МС полетале од аеродромот Олења во областа Мурманск во Руската Федерација.
Исто така, беше објавено дека украинската воздушна одбрана е активна во Киев и во регионите Лавов, Хмелницки, Запорожје и Дњепропетровск, пренесе Танјуг.
Украинската противвоздушна одбрана утринава ги одби руските ракетни напади врз Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, кој ги повика жителите да останат во засолништа.
Соопштено е и дека силите за противвоздушна одбрана ги уништиле сите непријателски цели кои се движеле кон Киев, пренесува Униан.
Три лица се повредени во Лавов во руски ракетен напад, а оштетени се 16 станбени згради и автомобили во близина, соопшти шефот на регионалната државна управа на Лавов Максим Козицки.
Според него, „евидентиран е удар во инфраструктурен објект во Лавов“, каде што избувнал пожар, пренесува Укринформ.
Жртви и материјална штета
Во областа Хмелницки беа оштетени цивилни згради.
„Утрово непријателот повторно изврши масовен напад врз Украина. Во областа Хмелницки има оштетувања на цивилни згради“, соопшти регионалната државна администрација.
Украинските власти во Запорожје известија и за рускиот напад во кој четири лица беа повредени и причинета материјална штета.
„Утрото непријателот ја нападна Запорожје. Гранатиран е инфраструктурен објект. Според првичните податоци четири лица се повредени“, соопшти градоначалникот на Запорожје, Анатолиј Куртев.
Според извештаите на украинските власти, утринава руски војници нападнале објекти од цивилна инфраструктура во регионите Дњепропетровск и Полтава, каде бил погоден магацин и избувнал пожар.