Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја критикуваше агендата на денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел поради фактот што се планира да се разговара за нова воена помош за Украина во износ од над шест милијарди евра, и покрај предлозите за примирје за време на божиќните празници.
Тој посочи дека очекува „голема борба“ на таа средба и повтори дека унгарската влада инсистира на тоа дека е потребен прекин на огнот во Украина, а не повеќе оружје.
Сијарто на Фејсбук напиша дека предлозите на дневниот ред на средбата покажуваат дека „мнозинството се уште не ја гледа новата реалност“.
„Иако беше понудена можност да се постигне примирје и да се разменат воени заробеници, тие сепак сакаат да одвојат повеќе од шест милијарди евра за оружје за Украина“, рече Сијарто.
Сијарто рече дека повеќето земји од ЕУ вршат притисок врз Украина да испрати 18-годишни момчиња на фронтот и да го поддржи воведувањето санкции против грузиските функционери само затоа што, како што наведе, „грузиските гласачи се осмелиле да изберат суверена влада“.
„Дури и божиќните празници кои се приближуваат не можат да го намалат воинственото расположение во Брисел“, рече Сијарто.