Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска го претстави планот насочен кон забрзување на развојот на Централна Азија, кој вклучува изградба на инфраструктурни мрежи, зајакнување на трговијата и борба против надворешното мешање.
„Безбедноста, независноста и територијалниот интегритет на земјите од Централна Азија мора да бидат заштитени. На светот му треба Централна Азија која е стабилна, просперитетна, хармонична и добро поврзана“, рече Си на самитот Кина-Централна Азија.
Тој посочи дека Кина е подготвена да ги комбинира развојните стратегии на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан и да вложи заеднички напори за промовирање на модернизацијата на сите шест земји.
Претседателот на Кина истакна дека споменатите земји мора да се спротивстават на надворешното мешање во внатрешните работи и обидите за поттикнување на „обоените револуции“.
Во исто време, тој додаде дека земјите од Централна Азија треба да одржуваат нулта толеранција кон тероризмот, сепаратизмот и екстремизмот.
„Кина е подготвена да им помогне на земјите од Централна Азија во областа на безбедноста и одбраната“, рече Си.
Тој посочи дека Кина и земјите од Централна Азија треба да ја продлабочат стратешката меѓусебна доверба и секогаш да си нудат „јасна и силна поддршка“ кога станува збор за прашања од суштински интереси, како што се суверенитетот, независноста, националното достоинство и долгорочниот развој.
Дводневниот самит во Ксиан кинеските државни медиуми го окарактеризираа како триумф на регионалната дипломатија на Пекинг, наведува британската агенција.