Си Џинпинг најави помош за Мјанмар по разорниот земјотрес

Сподели со своите пријатели

Кинескиот претседател Си Џинпинг испрати порака во која изрази „длабока тага“ до шефот на бурманската хунта, чија земја беше погодена од силен земјотрес еден ден претходно, при што загинаа повеќе од 1.000 луѓе, објавија државните медиуми.

Loading...

Си „ја изрази својата длабока тага“ поради смртта и штетите предизвикани од земјотресот во порака со сочувство до лидерот на мјанмарската хунта, Мин Аунг Хлаинг, објави државната телевизија CCTV.

Тој, исто така, нагласи дека Кина е „подготвена да ѝ ја обезбеди на Бурма потребната помош за поддршка на населението во погодените области“, рече истиот извор.

Плиток земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа северозападно од мјанмарскиот град Сагаинг во петокот, по што неколку минути подоцна следеше земјотрес со јачина од 6,7 степени.

Земјотресите предизвикаа сцени на хаос и уништување во Мјанмар, со уривање на домови, згради, мостови и религиозни објекти, во земја која е зафатена од конфликт по пучот на хунтата во 2021 година.

Овој земјотрес е најсилниот што ја погодил земјата во повеќе од еден век, соопшти Геолошкиот институт на Соединетите држави (USGS).

Земјотресите се почувствувани на 1.000 километри од епицентарот, во соседен Тајланд, каде според најновиот извештај животот го загубија осум лица, како и во кинеската провинција Јунан (југозапад).

Кина испрати тим од 82 спасувачи во Мјанмар во саботата, соопшти нејзиното Министерство за управување со вонредни состојби, одговарајќи на повикот за меѓународна помош упатен ден претходно од лидерот на хунтата, кој ја повика „секоја земја, која било организација“ да пружи помош.

Loading...

Друг тим од Јунан пристигна во Јангон, централен Мјанмар, во саботата, објави CCTV.

Кинеското Министерство за надворешни работи во соопштението во саботата соопшти дека засега нема информации за жртви „меѓу кинеските граѓани“.

Кина е еден од главните снабдувачи со оружје за бурманската хунта, додека одржува врски со етничките вооружени групи кои држат територии во близина на нејзините граници.