Рекламирање видеа на Тикток, барање возачи на Инстаграм, договарање термини преку Телеграм… Шверцерите на луѓе сега се договараат речиси исклучиво на социјалните мрежи.
„Германија е главната цел во ЕУ“, се вели во новиот извештај за состојбата со шверцот објавен од Федералната криминалистичка полиција (БКА).
Извештајот може да биде основа за германската влада да одлучи дали да ги прошири граничните контроли на истокот и југот на земјата.
Од октомври 2023 година се зајакнати граничните контроли со Чешка, Полска и Швајцарија.
Федералната полиција веќе подолго време е во акција поради миграцијата на границата со Австрија.
Поради проширените контроли, откриени се значително повеќе кривични дела: во извештајот се евидентирани 7.924 случаи на шверц за 2023 година, што е за 60 отсто повеќе од претходната година.
Во исто време, шверцерите стануваат се понемилосрдни.
БКА наведува дека „зголемен е таканаречениот шверц со контејнери“, во кој луѓето многу почесто се изложени на ризик од „недостаток на кислород, дехидрација, хипотермија или зголемен ризик од повреда“.
Најчестиот тип на возила што се користи за ова се малите комбиња. Лесно се изнајмуваат и не бараат посебна возачка дозвола.
Просечниот број на луѓе кои се туркаат во товарниот простор за време на шверцот е речиси двојно зголемен за една година – од десет на 19.
Главниот пат води низ Полска
Официјалните лица уапсија речиси 40.000 луѓе „осомничени за нелегален трансфер“, се вели во извештајот.
Речиси половина од нив биле сириски државјани, а турските државјани сочинувале четвртина.
Повеќе од една третина пешачат кога ќе ги најде полицијата – но обично прво ги исфрлаат од комбето, покажуваат истрагите на БКА.
Главната рута води низ Полска: повеќе од 40 отсто од шверцуваните луѓе дошле преку германско-полската граница, а една третина преку Австрија.
Околу 22 отсто од оние кои влегле во земјата ја преминале германско-чешката граница.
Од Белорусија до Германија
Според извештајот, типичниот шверцер е маж и е на возраст меѓу 25 и 39 години.
Десет проценти од осомничените се Германци, така што огромното мнозинство се од странство, главно Сиријци.
Сепак, цели шверцерски банди во областа на организираниот криминал често се „доминирани од германски граѓани“.
Забележано е и дека Украинците се повеќе влегуваат во шверцерски бизнис.
Пред се носат Авганистанци или Сиријци од Белорусија во Германија.
Кои се предностите на граничната контрола?
Извештајот нуди и првична индикација за контроверзното прашање за што се корисни граничните контроли.
Поголемиот дел од луѓето шверцувани во 2023 година се обиделе да го сторат тоа во летните месеци, од јули до септември.
Нивниот број благо се намалува во октомври, а потоа значително намалување се бележи во ноември.
Веројатно не е само поради поострите временски услови.
Германската БКА го припишува овој пад пред се на повторното воведување контроли на внатрешните граници со Полска, Чешка и Швајцарија, како и мерките што ги презема српската полиција за т.н. балканската рута.
Значи, контролите имаат одреден ефект. Шверцот станува повидлив и може да се покренат истраги.
Тие даваат важни индиции за тоа кои рути стануваат се почести и кои деловни практики се зголемуваат.
Се зголемува бројот на барања за азил
Но, подетално гледање на статистиката покажува и дека – иако бројот на шверцувани и неовластени влегувања е намален по воведувањето на граничните мерки – зголемен е бројот на барања за азил.
Според податоците на германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци, во октомври и ноември 2023 година таа била значително над нивото од претходната 2022 година.
Во исто време, бројот на баратели на азил не се намали веднаш кога почнаа мерките.
За 2024 година, пак, може да се каже дека овој тренд е во опаѓање – што германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер го припишува на граничните контроли.
Сосема е можно други фактори, како што се зголемените депортации, исто така да играат улога.
„Шверцерите бараат други споредни патишта за влез во земјата“, вели Андреас Роскопф од полицискиот синдикат (БДП). А потоа, кога веќе се во земјава, поднесуваат барање за азил.
Дополнително, не треба да се занемари следново:
„Секое лице кое изразува желба да добие азил за време на граничните контроли, генерално мора да му биде дозволено да влезе во земјата за да се испита тоа барање“, вели Роскопф. Ова значи запирање на потенцијалните баратели на азил на граница – но тоа е ретко возможно.