Состанокот меѓу високите претставници на Шведска, Финска и Турција треба да се одржи пред самитот на НАТО во јули поради турската блокада за прием на Шведска во алијансата, изјави генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг, пренесува Хина.
„Овој состанок ќе вклучува министри за надворешни работи, шефови на разузнавачки служби и советници за национална безбедност. Целта е да се постигне напредок во завршувањето на приемот на Шведска во НАТО“, рече Столтенберг на прес-конференција во Литванија.
Тој додаде дека во неделата разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а контактирал и со владите во Стокхолм и Хелсинки.
Тие се договорија да одржат состанок на високо ниво во Брисел пред самитот на НАТО на 11 и 12 јули во литванската престолнина Вилнус.
Блокада на Анкара
Шведска и Финска аплицираа за членство во алијансата во мај 2022 година по руската инвазија на Украина.
Финска е членка на НАТО од април годинава, а Шведска сѐ уште чека одобрение од Турција и Унгарија.
Анкара го блокира приемот на Шведска, тврдејќи дека Шведска не презема доволно мерки против „терористичките организации“.
Претставниците на земјите се состанаа во неколку наврати за да се обидат да ја решат турската блокада, последен пат во Анкара во средината на јуни.
На таа средба Ердоган изрази сомневање дека ќе го одобри влезот на Шведска до самитот на НАТО.