Шведската служба за безбедност (Сапо) денеска објави дека очекува Русија да ги засили своите активности против безбедноста на Шведска, во области како што се телекомуникациите и енергетската мрежа.
Директорката на САПО Шарлот фон Есен оцени дека постапките на Москва се „непредвидливи“, пренесува АП.
Области каде што има причини за посебна претпазливост поради шпионажа и саботажа се телекомуникациите, снабдувањето со електрична енергија и транспортот на критичните материјали.
Русија е заинтересирана да ги наруши тие области, рече Шарлот фон Есен, тврдејќи дека нападот врз тие сектори во Шведска може да му наштети и на остатокот од Европа.
Сапо очекува Москва да ја користи руската дијаспора, институции и компании во Шведска повеќе од претходно, рече Шарлот фон Есен.
Таа изјави дека Сапо забележал раст на ширењето на „теории на заговор и антидржавни пораки, што долгорочно претставува опасност од поткопување на довербата во социјалните институции, одлуките на политичарите и легитимноста на државата“.