Шведска потпиша договори во вредност од над 484 милиони евра со германскиот „Рајнметал“ и норвешкиот „Намо“ за набавка на артилериска муниција, објави Министерството за одбрана на таа земја.
Министерот за одбрана Пал Јонсон изјави дека станува збор за „важна инвестиција во безбедноста на Шведска и НАТО“, нагласувајќи дека нарачката ќе ги зајакне одбранбените капацитети на Шведска, објави Ројтерс.
Договорот со „Рајнметал Денел Мунишн“, подружница на германската одбранбена компанија, е вреден повеќе од 347,8 милиони евра и вклучува артилериски гранати и погонски полнења за шведскиот артилериски систем „Арчер“.
Договорот со компанијата „Намо“, вреден неколку милиони евра, се однесува на испорака на високоексплозивни гранати со проширен дострел (HE-ER) калибар 155 милиметри, пренесува Танјуг.