Швајцарскиот научник Саи Реди предупреди на опасноста од појава на нов „супер сој“ на коронавирусот, што може да предизвика голема загриженост за светот во следните шест месеци. Во интервју за швајцарскиот весник „Блик“, тој рече дека мутацијата на видот делта е неизбежна.
– Ова е нова фаза на пандемијата кога бета или гама стануваат поинфективни или се развива мутација од видот на делта. Тоа ќе биде голем проблем следната година – рече Реди.
Според него, „ковид 22“ може да биде полош од се што светот видел досега во борбата против коронавирусот.
Реди смета дека науката и политиката веќе мора да се подготват за такво сценарио.
– Ако се појави таков вид, ние мора да го препознаеме што е можно поскоро и производителите на вакцини мора да ги прилагодат на тоа – рече тој.
Тој верува дека претстојат шест тешки месеци и дека следната есен и зима ќе бидат исти како и минатата година.