Со цел да се подобри регрутирањето жени во војска, Швајцарија ќе им дозволи на припадниците на војската да носат женска долна облека.
Според сегашните правила, стандардната униформа на воени регрути вклучува само машка долна облека. Според новиот систем, кој започнува следниот месец, ќе бидат достапни два различни типа женска долна облека.
Жените сочинуваат околу еден процент од вкупниот број војници, но Швајцарија се надева дека ќе го зголеми тој број на 10 проценти до 2030 година.
Маријан Биндер, член на Швајцарскиот национален совет, смета дека обезбедувањето соодветна долна облека може да охрабри повеќе жени да се приклучат на армијата.
„Униформата е наменета за мажи, но ако војската навистина сака да го зголеми бројот на жени, потребни се одредени промени“, рече Биндер.
Досега на жените им беше дадена широка машка долна облека, честопати многу поголема, што е прилично непријатно.
Портпаролот на армијата Каи-Гунар Сиверт вели дека одредени делови од опремата издадена од армијата се застарени.
Новата „функционална долна облека“ за жени регрути ќе вклучува шорцеви и долги панталони, за летните и зимските месеци.