Единаесет големи шумски пожари беснеат во различни делови на Португалија во четвртокот, објави Националната управа за итни случаи и цивилна заштита (ANEPC).
Вкупно 1.900 членови на службите за итни случаи се ангажирани во борбата против пожарите, од кои најзагрижувачки се оние во Авеиро на северот на земјата, Леирија во централниот дел и Сетубал, на само 50 километри јужно од Лисабон и Фаро на југ.
„Земја во пламен“, е насловот на португалскиот весник Jornal de Notícias.
Нивото на предупредување, кое беше подигнато на третото највисоко ниво на „вонредна состојба“ во понеделникот, ќе остане на сила до недела, објави во четвртокот премиерот Антонио Коста.
Земјава е зафатена и од топлотен бран со температури до 45 Целзиусови степени.
Туристите се предупредени дека логорските огнови и огнометите во моментов се забранети, а пристапот до шумите е ограничен.
Заедно со тековната суша, силните ветрови помагаат во ширењето на пожарите, според АНЕПЦ.
Но, некои од пожарите се предизвикани и од невнимание или дури и намерно, според властите, а веќе имало и апсења.
Во пожарите се повредени најмалку 130 лица, од кои двајца потешко. Според агенцијата за заштита на животната средина INCF, пожарите опустошија речиси 100 квадратни километри од саботата.
Куќи, фабрики и терен за голф биле погодени од пламената стихија.