Штети од дождот во установите од културата, се бараат решенија за санација

Сподели со своите пријатели

Министерството за култура испратило допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти по обилниот дожд и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите.

По првичните информации за сериозни штети предизвикани од дождот во повеќе национални установи, увид извршил заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, кој ги посетил објектите на Драмскиот театар и Музејот на Македонија, а министерот за култура Роберт Алаѓозовски направил увид во Музејот на современа уметност во Скопје.

– Констатирано е дека дури и при дождови кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив. Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки, информира Министерството за култура.

Оттаму соопштија дека за Драмскиот театар уште денес ќе се преземат мерки за локално санирање на покривот, а во координација со министерот за финансии,Драган Тевдовски ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства покривот да се санира и да се создадат елементарни услови за непречена работа на театарот.

– Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните. Драмскиот театар е типична жртва нат.н. проект „Скопје 2014“, преку кој се инвестираше во прескапи и мегаломански објекти и споменици, додека постојните објекти на културните установи се во очајна состојба, соопшти Министерството за култура.

Во Музејот на Македонија е, исто така, констатирана загрижувачка состојба која, како што наведува Министерството, е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава. Иако новото раководство презема итни мерки, потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од Буџетот.

– Музејот на современата уметност – Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати, се посочува во соопштението.

Протекување на покрвиот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и други објекти, од кои по итниот допис на Министерството се добиват постојани известувања.

– Министерството за култура ја следи интензивно состојбата и е подготвено, во соработка со раководствата, да интервенира веднаш во сите итни ситуации, информира Министерството за култура.

Извор: МИА