Уставниот суд на Шпанија ѝ наложи на владата на таа земја да врати околу 26 милиони евра казни изречени за време на карантинот воведен во 2020 година поради пандемијата на вирусот Ковид-19.
Судот пресуди дека делови од вонредните декрети се неуставни, поради што многу казни станаа неважечки, објавува Јуровикли њуз.
За време на врвот на пандемијата во 2020 година, полицијата низ цела Шпанија изрекуваше казни за работи како излегување надвор без дозвола или собирање во групи, а тие казни се засноваа на законите за вонредни состојби, вклучително и контроверзниот „закон за полициски час“.
Сепак, во јули 2021 година се вели дека Уставниот суд ги прогласил клучните делови од тие наредби за затворање за неважечки бидејќи тие премногу ги ограничувале основните човекови права како што е слободното движење.
Се вели дека пресудата ќе се применува ретроактивно, што значи дека казните никогаш не биле легални уште од самиот почеток и како резултат на тоа, владата мора да ги врати сите наплатени евра.
Министерството за територијална политика објави дека во септември оваа година се поништени 92.278 казни, како и дека е потребно време за координација на враќањето на средствата меѓу националните, регионалните и локалните полициски сили, пренесува Танјуг.

