Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пред германскиот парламент изјави дека за време на посетата на кинеската делегација на Берлин оваа недела, го предупредил Пекинг да не користи сила за постигнување територијални промени, особено не против Тајван.
Шолц рече дека Германија одлучно ги отфрла сите еднострани обиди за насилно менување на статус кво во Источното и Јужното Кинеско Море, особено во однос на Тајван.
Тој посочи дека и Германија е загрижена за состојбата со човековите права и владеењето на правото во Кина, пренесе Ројтерс.
Оваа недела, Шолц беше домаќин на голема кинеска делегација предводена од премиерот Ли Кианг на првиот самит меѓу двете земји по пандемијата.
Кина неодамна ги засили воените активности во близина на Тајван, наведува британската агенција.
Шолц пред парламентот ја повика и Турција да и дозволи на Шведска да стане членка на НАТО, наведувајќи дека земјата треба да биде членка на следниот самит на Алијансата.