Секретарот на рускиот совет за безбедност Сергеј Шојгу денеска изјави дека геополитичкото ривалство меѓу големите држави на меѓународната арена се интензивира, како и дека се зголемуваат ризиците од насилен конфликт меѓу нуклеарните сили.
– Наспроти позадината на растечкиот конфликт и интензивирањето на геополитичкото ривалство во светот, се зголемуваат ризиците од насилен конфликт меѓу големите држави, вклучително и со учество на нуклеарни сили – рече Шојгу во интервју за ТАСС.
Според него, западните земји започнале „идеолошка и вредносна агресија“ против Русија и Белорусија и се обидуваат да им нанесат удари не само со помош на економски санкции, туку и да ја дестабилизираат внатрешно-политичката ситуација во тие земји.
„Овие акции се директно насочени кон ослабување на нашите земји и се диктирани од желбата да ни се одземе суверенитетот и правото слободно да го избираме нашиот пат на развој и да ги следиме стратешките интереси“, рече Шојгу.