Шојгу го брифирал Путин за украинскиот напад на рускиот десантен брод

Сподели со своите пријатели

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска го информираше претседателот Владимир Путин дека големиот амфибиски брод „Новочеркаск“ е оштетен во пристаништето Феодосија на Крим, при одбивањето на напад на украинските вооружени сили.

Loading...

„Министерот за одбрана Шојгу го информираше Путин за нападот на украинските вооружени сили врз Феодосија и оштетувањето на големиот амфибиски брод Новочеркаск“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според последните информации од Министерството за вонредни состојби, во нападот едно лице загинало, а четворица се ранети.

Претходно, руското Министерство за одбрана излезе со соопштение за нападот.

„Во текот на одбивањето на нападот на вооружените сили на Украина врз базата Феодосија со проектили управувани од воздух, беше оштетен големиот десантен брод Новочеркаск. Системите за противвоздушна одбрана уништија два непријателски тактички авиони „Су-24“ во областа на населбата Жовтен, која истрела проектили управувани од воздух“, соопшти руското министерство.

Лидерот на Крим Сергеј Аксјонов рано утринава објави дека украинските сили извршиле напад на пристаништето во Феодосија, што резултирало со експлозија и пожар. Претходно, командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук изјави дека Украина извршила воздушен напад врз Федосија на Крим и дека во нападот бил уништен рускиот десантен брод „Новочеркаск“.