Критичарите и активистите предупредуваат дека новиот закон за медиуми усвоен од турскиот парламент, кој предвидува казна до три години затвор за ширење „лажни информации“, сериозно ќе ја ограничи слободата на говор во Турција.
Активистите предупредуваат дека овој закон може да стане еден од најлошите механизми за самоцензура во турската историја, особено пред претстојните избори во 2023 година.
Многумина веруваат дека изборите следната година ќе бидат најголемиот предизвик за претседателот Реџеп Таип Ердоган во неговото речиси 20-годишно владеење.
Новиот закон за медиуми беше предложен од владејачката партија на Ердоган и нејзините ултра-националистички сојузници.
Како што јави турската државна новинска агенција Анадолу, законот беше усвоен во четвртокот вечерта.
Од 40-те членови на овој закон, најмногу под лупа на јавноста е членот 29 кој предвидува тригодишна затворска казна за граѓаните, новинарите или корисниците на социјалните мрежи кои објавуваат информации за кои властите сметаат дека се лажни, а се однесуваат на „ внатрешната и надворешната безбедност на државата, јавниот ред и јавното здравје“.
Опозицијата и активистите за човекови права повикаа на отфрлање на предложениот закон, посочувајќи дека дефиницијата за „лажни вести“ е нејасна и дека со тоа ќе ѝ олесни на владејачката партија да ги замолчи неистомислениците и критичарите.
Новиот закон носи нови правила за онлајн медиумите.
Според тоа, бара социјалните медиуми да ги споделат личните податоци на корисниците доколку тоа го побараат властите, во спротивно тие ќе се соочат со високи казни или забрани.
Партијата на Ердоган го брани новиот закон, посочувајќи дека дезинформациите станаа „сериозна закана“ за пристапот до „вистинити“ информации.
Самиот Ердоган ги нарече социјалните мрежи закана за демократијата.
Речиси целата конвенционална медиумска сцена во Турција е веќе под контрола на владата, додека медиумите кои ги критикуваат владетелите се борат со заплашување.