Токму во неделата на НАТО, доаѓаат политичките и економските потврди колку членството во алијансата е важно, не само за безбедноста, туку и на економски план, рече министерката за одбрана и вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, при денешната посета на Куманово, каде се одбележаа 70 години од формирањето на НАТО алијансата.
Како што потенцираше Шекеринска по долги години понизок кредитен рејтинг оваа година има подобрување, што значи дека државата, фирмите и граѓаните ќе можат да добиваат средства по поповолни услови.
– Дополнително порастот на извозот, странските инвестиции, но и падот на невработеноста покажа дека кога државата прави вистински чекори на политички план, тоа веднаш носи и позитивни економски резултати. Она што ни треба е сега да продолжиме, да го заокружиме процесот на ратифиакции на членството во НАТО, што убедени сме ќе се случи и оваа година, да ги почнеме преговорите со Европската унија и да покажеме дека оваа држава научи од сопствените грешки и дека буквално во следниот период ќе обезбеди и побезбедна држава, меѓутоа и повеќе шанси за сите свои граѓани, рече Шекеринска.

Вицепремиерката и министерка Шекеринска денеска во Куманово остварува средба и со бизнис заедницата, а воедно ја потенцираше и бројката од 620 милиони евра странски инвестиции во 2018та година, што како што рече е четири пати повеќе во споредба со 2017та.
Според неа подобрувањата во економскиот сектор се должат на фактот што странските инвеститори препознале дека државата се стабилизира и дека членството во НАТО може да го гарантира нивниот бизнис и имот.
– Дополително ако го споредам почетокот на нашиот мандат кога кварталниот пораст на економијата беше околу -1 отсто, а во последниот квартал податоците говорат за 2,7 отсто пораст на БДП, сето тоа се охрабрувачки резултати. Нашиот проблем број еден е невработеноста, таа е се уште висока, 19,7%, меѓутоа го стартувавме мандатот со 27% невработеност. Сите економски показатели покажуваат позитивни тенденции, меѓутоа тие позитивни тенденции зависат и од тоа како носиме одлуки на политички план и како државата ги решава своите проблеми, додаде Шекеринска.

Овој период, како што потенцираше вицепремиерката и минситер за одбрана, многу е важно да продолжат да се продуцираат добри вести.