Русија го одложува мировниот дијалог со Украина и создава впечаток на дипломатија, изјави шефот на украинската делегација на преговорите, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, како што објави „Москва тајмс“.
Според него, Москва го доставила меморандумот за условите за решавање на конфликтот дури за време на состанокот во Истанбул, кој се одржа вчера.
Како резултат на тоа, состанокот, кој се подготвуваше повеќе од две недели, „не ги даде потребните резултати за завршување на војната“.
„Се чини дека Русите повторно одолговлекуваат, обидувајќи се да создадат „слика на дипломатија“ за Соединетите Американски Држави без вистински потези“, рече Умеров.
Единственото достигнување од втората рунда преговори, според шефот на украинската делегација, беше договорот за размена на сите тешко болни и тешко ранети воени заробеници и лица под 25 години, како и враќање на телата на загинатите во форматот „6000 за 6000“.
Враќање на децата
„Доставен е и целосно проверен список на киднапирани украински деца. Враќањето на барем дел од тие деца би бил хуманитарен чин ако Русија навистина сака да се движи кон мир“, нагласи Умеров.
Тој додаде дека Киев е подготвен да одржи состанок на ниво на лидерите на Украина и Русија до крајот на јуни, но ако за руската страна преговорите се обид за одложување, тогаш „треба да има само еден одговор: заострување на меѓународните санкции“.
За потсетување, првите директни преговори меѓу Москва и Киев од пролетта 2022 година се одржаа на 16 мај во Истанбул, а резултатот беше најголемата размена на затвореници од почетокот на војната, според формулата „1000 за 1000“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го поздрави резултатот и изрази надеж за понатамошен напредок. За време на втората рунда преговори, Русија предложи прогласување примирје на одредени делови од фронтот со цел да се соберат телата на загинатите. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски одби.
Тој истакна дека примирјето е неопходно за да се запре убивањето и дека Украина не го променила својот став по ова прашање – Киев инсистира на безусловно примирје од најмалку 30 дена.
Според Зеленски, на Русија ѝ е потребно примирје за „краток прекин во војната“.
Две сценарија за завршување на војната
Во меморандумот што Русија ѝ го предаде на Украина, беа предложени две сценарија за завршување на војната.
Првото вклучува постепено повлекување на украинските вооружени сили од четири региони делумно окупирани од руски трупи на „договорено“ растојание од границите на Руската Федерација.
Второто сценарио не содржи директно барање за предавање на територии, туку вклучува 12 услови, меѓу кои се прекин на мобилизацијата во Украина, како и меѓународни испораки на оружје, гаранција за прекин на „саботажата“ на територијата на Русија итн.
Коментирајќи ги одредбите од рускиот меморандум, Зеленски рече дека тие личат на „ултиматуми“ од Русија.