Граѓаните не треба да складираат храна и бензин, и покрај зголемените цени поради руската инвазија на Украина и санкциите против Москва, бидејќи „динамичната“ светска економија ќе обезбеди залихи, изјави претседателот на Светска банка Дејвид Малпас.
Санкциите против Русија ќе имаат посилно влијание врз светската економија отколку самата војна, рече Малпас во понеделникот на виртуелна прес-конференција организирана од Вашингтон пост, но кризата, според сегашните проценки, не треба да го прекине закрепнувањето или негативно да влијае на глобалното БДП.
Тој очекува производителите ширум светот, освен Русија и Украина, значително да ги зголемат резервите на енергија и храна, што ќе го ублажи влијанието на скоковите на цените предизвикани од војната и ќе го зачува закрепнувањето од кризата со коронавирусот.
Производителите ќе се вклучат и ќе ги зголемат залихите доколку е потребно, тврди тој, додавајќи дека, според неговата проценка, нема потреба луѓето да складираат залихи во нивните шпајзови и ресторани.
„Во сегашните околности, вистинскиот потег не е да се купува брашно и бензин, треба да разбереме дека светот е динамична глобална економија која ќе одговори (на кризата)“, рече првиот човек на Светска банка.
Имаме доволно за сите“, рече тој.
Сепак, снабдувањето со енергија може да се зголеми побрзо од снабдувањето со храна, бидејќи обично е потребно околу една година за да се прилагоди земјоделството, признава тој.
Тој додава дека Русија мора да донесе тешки одлуки за сервисирање на долгот поради западните санкции кои ги имобилизираа нејзините девизни резерви.
Руското Министерство за финансии во понеделникот соопшти дека е подготвено да плати купонска камата на обврзниците во рубљи наместо во долари поради санкциите, пренесува Ројтерс.
Последиците од санкциите се „далекосежни, тешки за Русија како нација и исто така ги погодуваат граѓаните на Русија, како директен резултат на падот на вредноста на рубљата“, рече Малпас.
„За многу Руси, падот на вредноста на рубљата што сега ја доживуваат го потсетува на комунизмот“, рече тој, алудирајќи на слабото снабдување со основните потреби за време на советската ера, објаснува Ројтерс.