Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави дека денес на конференција во Лондон ќе побара зголемување на капацитетот на воздушната и противракетната одбрана на Алијансата за 400 проценти со цел да се спротивстави на Русија, која, како што рече, „сее терор“ на небото.
„Треба да направиме скок напред во нашата колективна одбрана… факт е дека опасноста не исчезнува дури ни со крајот на војната во Украина“, ќе каже Руте на состанокот и институтот во Лондон Чатам Хаус, според соопштението во кое се цитираат неговите зборови.
За да се одржи кредибилно одвраќање и одбрана, НАТО треба да ја зголеми својата воздушна и противракетна одбрана за 400 проценти, има намера да каже Руте на состанокот одржан пред самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни.
„Гледаме како во Украина Русија сее терор на небото и соодветно на тоа ќе ја зајакнеме одбраната што го штити нашиот воздушен простор“, рече Руте.
Тој денес ќе биде примен и од британскиот премиер Кир Стармер на Даунинг стрит.
Тие се среќаваат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп бара од своите европски сојузници и Канада да се обврзат да издвојат најмалку пет проценти од нивниот БДП за одбрана, заканувајќи се дека во спротивно повеќе нема да ја гарантираат својата безбедност.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави во четврток во Брисел дека сојузниците се блиску до договор за таа цел, што би можело да се официјализира за време на самитот на Алијансата во Хаг.
Руте предложи глобална бројка од пет проценти од БДП на земјите-членки за одбрана, но во форма на додавање на два вида расходи.
Се очекува Руте да каже и дека на Алијансата ѝ се потребни илјадници дополнителни оклопни возила и тенкови, како и милиони артилериски гранати.
Тој ќе ја поздрави новата одбранбена стратегија на Велика Британија презентирана пред една недела, која според него ќе „ја зајакне колективната одбрана на НАТО“.
Велика Британија ќе изгради до 12 нуклеарни подморници и шест фабрики за муниција за да ја вооружи земјата против „заканата“ што ја претставува Русија, објави премиерот Кир Стармер.