Шеесетина дечиња денеска беа дел од работнилицата „Насликај го својот град“, која ја организираше Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово, а кои со својот уметнички талент сликаа мотиви од градот.
Loading...
Работилницата како што изјави директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски, е по повод денот на градот „11 Ноември“.
– Ова беше идеја на Центарот за култура за прв пат да организираме ваква изложба по повод денот на градот и се надеваме дека идната година ќе стане традиционална. Имаме околу 60-70 дечиња досега дојдено кои цртаат, ние овозможивме средства за цртање, темперни бои, боици, моливи, да нацртаат некој мотив, некој дел од градот. Ние ги поканивме сите основни училишта и мислам дека има добар дел од училиштата, а исто така и деца кои по слободен избор се тука, изјави Тодоровски.
Дечињата со стручните соработници на националната установа денеска твореа, а помош имаа и од своите наставници. Од ООУ „Толи Зордумис“ пет ученици учествуваа на денешната работилница, а нивната менторка Александра Грубор ја пофали атмосферата во која творат најмалите.
– Се јавивме со пет ученика од нашето училиште, двајца од деветто одделение и три помали од прво до петто одделение. Децата работат, атмосферата е многу пријатна, со големо задоволство работиме на цртежите по повод ослободувањето на нашиот град, изјави Грубор.
Loading...
Дечињата освен што имаа можност уметнички да се изразат, работилницата ја искористија и за дружење.
Неколку дела по завршувањето на манифестацијата ќе бидат изложени и во фоајето на Центарот за култура, а најдобрите три ќе бидат и наградени.
Loading...