Шарановиќ и Дабевска го решија Вардар

Сподели со своите пријатели

Ракометарките на Куманово извојуваа победа против составот на Вардар во рамките на 10. јубилејно коло од Женската ракометна лига на Македонија со резултат 29:27 во натпреварот кој вчеравечер се одигра пред преполните трибини во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.

Гол за гол се играше во првиот дел од дербито каде двата тима покажаа добра игра и желба за нови три бодови во табелата, меѓутоа избраничките на тренерот Зоран Јосимовски на крајот на полувремето беа во мала негатива, односно резултат 12:13.

Второто полувреме кумановки се бореа за поголема разлика над противникот кој не се даваше лесно. Последните минути беа извонредни за Ана Шарановиќ и Сања Дабевска кои ја донесоа големата победа на ЖРК Куманово.

Најмногу погодоци реализираше Мила Трајковиќ, шест има Дабевска, а по четири голови на овој натпревар впишаа и Александра Боризовска и Ана Шарановиќ.

Кај поразените со шест голови брилираше Ивона Трпевска, а со погодок помалку мечот заврши за Ангела Гроздановска.

Со оваа победа кумановки се зацврстија на втората позиција и му дишат во врат на Металург кој доколку денеска загуби од Стружанка паѓа од тронот во табелата.

Следниот натпревар ЖРК Куманово го игра на гости против ЖРК Гевгелија, по што следуваат двата натпревари во ЕХФ Челинџ Купот.

Leave a Reply