Министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг смета дека поради новиот бран напади на руската армија врз украинската инфраструктура во моментов речиси и да нема шанси за мировни преговори.
Шаленберг, пред комисијата за надворешна политика на австрискиот парламент, рече дека, и покрај тоа, не е во ред да се исклучи Русија од меѓународните собири.
„На Европа и е потребна Русија со која е можно да се влезе во дијалог за заедничка безбедност“, рече тој, пренесе Танјуг.
Врз основа на моменталната состојба, тој смета дека војната ќе продолжи и следната година.
Затоа, посочува, треба да се направи се за да се спречи човечкото страдање, а освен што ќе и помогнеме на Украина, да се обидеме да влеземе во разговори и со Русија, иако за тоа нема консензус во ЕУ.