Северна Кореја соопшти дека извршила тест кој е од големо значење за развојот на сателити за извидување.
Севернокорејските државни медиуми објавија за пробата во понеделникот, еден ден откако јужнокорејската војска објави дека открила лансирање балистичка ракета.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап соопшти дека проектилот бил испукан на начин што укажува дека можеби станува збор за балистичка ракета со среден дострел.
Сепак, официјалната севернокорејска новинска агенција KCNA соопшти дека владините агенции извршиле тест „од големо значење за развојот на сателити за извидување“ во неделата.
KCNA наведе дека тестот овозможил „потврда на карактеристиките и оперативната точност на системот за фотографирање со висока дефиниција, системот за пренос на податоци и уредот за контрола на позицијата“.
Некои аналитичари тврдат дека развојот на извидувачки сателит за Северна Кореја е покритие за тестирање на забранети интерконтинентални балистички ракети.

