Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди денеска да се испрати помош за околу 800 семејства кои страдаат од непозната цревна инфекција, додека земјата се бори и со првата епидемија на Ковид-19.
„Официјалните лица подготвија лекови, храна и секојдневни потреби за живот и лекување, со цел да им помогнат на луѓето во градот Хаеџу и областа Кангриџ во провинцијата Хванѓи“, објави корејската новинска агенција КЦНА.
Северна Кореја, која моментално се бори со повеќенеделен бран инфекции со Ковид-19, оваа недела соопшти дека се соочува и со „акутна епидемија на ентеровирус“, објави Ројтерс.
Не е разјаснето за каква болест се работи, освен што се однесува на гастроинтестиналниот тракт.
Според КЦНА, Ким ги повикал службениците „што е можно поскоро да ги исполнат своите должности во работата на ублажување на несреќата и страдањето на народот“.
Во четвртокот, претставник на Министерството за обединување во Јужна Кореја објави дека јужнокорејските власти ја следат оваа епидемија, за која се сомневаат дека е колера или тифус, пренесе Ројтерс.
Пријавената нова епидемија доаѓа во време кога Северна Кореја се бори со првиот официјален бран на Ковид-19, со вонредна состојба прогласена минатиот месец поради загриженост поради недостаток на вакцини и медицински материјали.
Денеска се пријавени уште 23.160 лица со симптоми на треска, а вкупниот број на заболени од треска низ земјава од крајот на април е близу 4,58 милиони.
Бројот на смртни случаи поврзани со оваа епидемија е 78, а Пјонгјанг секојдневно го објавува бројот на пациенти со треска, а не бројот на заболени од вирусот Ковид-19, поради очигледниот недостаток на комплети за тестирање, наведува Ројтерс.