Северна Кореја ја одбележа 77-годишнината од основањето на државата повикувајќи на национално единство и нагласувајќи ја независноста како клучен фактор во градењето силна држава, објавија државните медиуми.
Весникот „Родонг Синмун“, официјален весник на владејачката Работничка партија на Кореја, објави во уреднички текст дека силната гордост и пламениот патриотизам на народот се движечката сила зад автономниот развој на Северна Кореја, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
„Градењето држава неизбежно започнува со избор помеѓу независно постоење и потпирање на другите“, се наведува во текстот, додавајќи дека овој избор одредува дали земјата ќе биде силна или слаба.
Лошите работи доаѓаат од потпирањето на надворешни сили, додека „благословите“ доаѓаат од градењето независна моќ, пишува весникот, додавајќи дека достоинството и величината на силната земја доаѓаат од независниот развој.
Според Корејската централна новинска агенција (KCNA), во главниот град Пјонгјанг пред годишнината се одржаа голем број јавни настани, вклучувајќи ја и церемонијата на кревање на националното знаме на плоштадот Ким Ил Сунг, на која присуствуваа работници, земјоделци и други граѓани, пренесува Танјуг.
Според севернокорејските медиуми, се одржа и собир на млади на отворено, уметнички настапи и други активности по повод националниот празник.
Годишнината од основањето на Демократската Народна Република Кореја се слави за да се одбележи основањето на земјата на 9 септември 1948 година во северниот дел на Корејскиот полуостров под водство на Ким Ил Сунг, дедото на сегашниот лидер Ким Џонг Ун.