Северна Кореја истрела неидентификувана ракета во морето, објави во средата јужнокорејската војска и ова е прв ваков тест на Пјонгјанг во новата година.
Северна Кореја во 2021 година објави дека успешно тестирала нов тип на балистичка ракета истрелана од подморница.
Овој нов обид дојде откако Северна Кореја не одговори на повикот на Вашингтон за разговори.
За време на важен состанок на владејачката партија минатата недела, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун потврди дека сака да ги зајакнат воените капацитети на неговата земја, и покрај меѓународните санкции.
Преговорите со Соединетите Американски Држави се во застој откако не успеа средбата меѓу Ким Џонг Ун и тогашниот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година.
Откако Џо Бајден дојде на власт, САД неколку пати изјавија дека се подготвени да се сретнат со севернокорејските претставници. Но, Пјонгјанг досега ја отфрли понудата.