Јужнокорејската војска денес ги прекина емитувањата на пропаганда преку звучници по должината на границата со Северна Кореја, во очекување дека новата влада во Сеул ќе се обиде да ги поправи затегнатите односи со Пјонгјанг.
„Одлуката е донесена како дел од напорите за исполнување на ветувањето за враќање на меѓукорејската доверба и мир на Корејскиот Полуостров“, изјави корејски воен претставник.
Прекинувањето доаѓа една година откако војската ги продолжи ваквите пропагандни емитувања во јуни минатата година, како одговор на повеќекратните лансирања на балони со ѓубре преку границата од страна на Северна Кореја, објави Јонхап.
Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг, кој ја презеде функцијата минатата недела, вети дека ќе ја прекине пропагандната кампања што вклучуваше фрлање летоци и емитување пораки преку звучници против Пјонгјанг, како дел од напорите за подобрување на затегнатите меѓукорејски односи, објави Танџунг.