Меѓународен семинар за добра пракса за етаблирање државна шема за надомест на жртвите на трговија ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Министерството за правда и Советот на Европа.
На семинарот, како што најави организаторот ќе се обратат министерот за правда Билен Саљију, националниот координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција Магдалена Несторовска, шефот на операции 1 секција од Делегација на ЕУ, Јаромир Левичек и шефот на програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Моника Мартинез.
Целта на семинарот е преку обезбедување заедничка дискусија на засегнатите страни, од власта и невладиниот секторот, да се презентираат моделите на државните шеми за отштета на жртвите на трговија со луѓе или оние кои специјално се востановени за нив, и да се проценат слабостите и позитивните страни на различните модели на државни шеми за отштета на жртвите на трговија со луѓе.
Семинарот, како што велат организаторите, ќе обезбеди размена на искуства од различни професионални перспективи и анализирање на модалитетите за востановување државна шема за отштета за жртвите на трговија со луѓе.
Семинарот е поддржан од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција”, програмска рамка за соработка на ЕУ и Совет на Европа, кофинансирана од ЕУ и Совет на Европа, а имплементирана од Совет на Европа.
Извор: МИА

