Кошаркарите на Куманово го забележаа вториот пораз во БИБЛ лигата, откако вчеравечер на домашен терен во последна секунда го загубија мечот против екипата на Башкими од Косово.
Сино-белите мечот го почнаа брилијантно, откако првите пет минути ги оставија гостите без ниту еден постигнат кош и направијја убедлива предност од 18 поени, па првата четвртина ја завршија со резултат 31:13. Огромен пад на концентрацијата започна во вторите 10 минути за домаќините.
Предноста која ја имааа кумановци опадна и на полувреме се замина со резултат 45:36, што за гостите беше мотивирачки и вториот дел од натпреварот да го надоместат резултатот. Крајот на натпреварот носеше огромна неизвесност, но откако резултатот остана изедначен, односно 78:78, следуваа продолжени пет минути во кои публиката беше на нозе и ги бодреше избраниците на Србиновски.
Последните секунди ја кренаа атмосферата во спортската сала во Куманово, откако со шутот на Костоски се постигна водство за Куманвоо од 95:94, но откако по овој погодок останаа три секунди на семафорот со брза акција, кошаркарите на Башкими во последната секунда реализираа погодок и остварија победа.
Брилијантен како и секогаш со 28 поени беше капитенот на КК Куманово, Александар Костоски, а веднаш зад него со 16 поени е Данило Мијатовиќ. За гостите со 25 најдобар беше Палм, со 24 Џонсон, а 18 поени впиша Поповиќ, кој е најзаслужен за победата на својот тим.
КК Куманово со пет победи и два порази се уште е на врвот во табелата од А групата со 12 поени, оставајќи го зад себе Берое со 10 бода. Следниот меч избраниците на Марјан Србиновски го играат на 13ти декември кога ја пречекуваат екипата на Сигал Приштина.