Годинешниот извештај на Обединетите нации (ОН) за глобалната безбедност на храната покажува дека немало значително зголемување на гладот во светот помеѓу 2021 и 2022 година.
Но, има уште многу негативни трендови, поради што преовладува загриженоста дека ОН нема да ја исполнат целта за искоренување на гладот во светот до 2030 година, пишуваат светските медиуми.
Широка криза со храна
Според извештајот на ОН, бројот на гладни луѓе во светот се зголемил за 122 милиони на 735 милиони од 2019 година поради пандемијата КОВИД-19 и војната во Украина, пишува Гардијан.
Ако продолжат сегашните трендови, речиси 600 милиони луѓе ќе бидат хронично неисхранети до 2030 година, што е за околу 119 милиони повеќе отколку да не се случеше пандемијата и војната, посочува весникот, со оценка дека годинешниот извештај за состојбата на безбедноста на храната и исхраната во светот покажуваат дека светот е зафатен од широко распространета криза со храна.
Се проценува дека 900 милиони луѓе, или 11,3 отсто од светското население, страдале од тешка несигурност на храна во 2022 година.
Речиси секој трет човек – 2,4 милијарди, или 29,6 отсто од светското население – немал постојан пристап до храна, покажа извештајот.
Милиони деца сè уште се неухранети: во 2022 година, 45 милиони деца на возраст под пет години страдаа од исцрпеност, најсмртоносната форма на неухранетост, а 148 милиони деца на иста возраст имале застој во растот и развојот.
Додека бројот на луѓе кои се соочуваат со глад на глобално ниво се стабилизира по наглото зголемување од 2019 до 2020 година, гладот сè уште е во пораст во Западна Азија, Карибите и низ цела Африка, според извештајот објавен на 12 јули од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации и земјоделство (ФАО) и четири други тела на ОН.
Максимо Тореро, главен економист на ФАО и главен автор на извештајот, предупреди дека климатската криза, иако нема да има толку големо влијание врз нивото на глад во 2022 година како пандемијата и војната во Украина, ќе има „сериозно влијание со текот на времето.
Во Нигерија, бројот на луѓе кои се соочуваат со сериозен недостиг на храна е двојно зголемен само во последните две години поради климатските промени.
„Минатогодишните разорни поплави го направија (недостигот на храна) многу поверојатен, со уништени посеви и последователни зголемени цени на храната“, рече Алекс Вејд, висок координатор за управување со катастрофи во Британскиот Црвен крст.
Неостварлива цел?
По седум години, гладот во светот престана да расте во 2022 година, но сепак е над нивото пред пандемијата и е далеку од целта на ОН да биде искоренета до 2030 година, наведува агенцијата Франс прес.
Процентот на луѓе кои се соочуваат со хроничен глад се зголемил од 7,9 отсто од светското население во 2019 година пред пандемијата на 9,2 отсто во 2022 година.
Сепак, годишниот раст „закочи“ со вкупен пад од околу 3,8 милиони луѓе помеѓу 2021 и 2022 година, се вели во извештајот на состојбата на безбедноста на храната и исхраната во светот, предупредувајќи дека жените и оние што живеат во руралните области се најтешко погодени области.
Економското закрепнување по пандемијата помогна да се подобри ситуацијата, „но нема сомнеж дека скромниот напредок е поткопан од зголемените цени на храната и енергијата поттикнати од војната во Украина“, се вели во извештајот.
Проценките покажуваат дека гладот „повеќе не е во пораст на глобално ниво“, туку останува „далеку над нивоата пред КОВИД-19“, додека агенциите на ОН предупредуваат дека освен ако светот не ги удвои и подобро ги насочи своите напори, „целта за ставање крај на гладот, несигурноста на храната а неухранетоста во сите нејзини форми до 2030 година останува недостижна“.
Целите за одржлив развој формулирани од Генералното собрание на ОН во 2015 година вклучуваат 17 меѓусебно поврзани цели, меѓу кои е искоренување на гладот и сиромаштијата.
Ако темпото на напредок не се забрза, речиси 600 милиони луѓе сè уште би можеле да страдаат од глад во 2030 година, главно во Африка.
Агенциите на ОН предупредија дека главните двигатели на несигурноста на храната и неухранетоста, кои се конфликти, економски шокови, природни катастрофи, како и очигледната нееднаквост, стануваат „нова нормала“.
Мрачни трендови
Заклучоците од овогодинешниот извештај на ОН за глобалната безбедност на храната укажуваат на свет во кој стотици милиони луѓе се соочуваат со понесигурни околности, продлабочување на уништувањето во услови на климатски промени и регионални економски превирања, истакнува Вашингтон пост во анализа.
Покрај податоците кои покажуваат дека имало 122 милиони луѓе повеќе гладни отколку во 2019 година, пред пандемијата на коронавирус да го потресе светот, овогодинешниот извештај исто така откри дека речиси 30 отсто од човештвото, или приближно 2,4 милијарди луѓе, немале пристап до адекватна храна во 2022.
Има уште поголем број, 3,1 милијарди луѓе, кои не можеле да си дозволат здрава исхрана.
Извештајот на ОН укажа на релативни успешни приказни во ублажувањето на гладот во Азија и Латинска Америка, додека економиите се мачеа да се опорават од пандемијата.
Сепак, според весникот Вашингтон, имало помалку охрабрувачки знаци во Африка и Западна Азија, каде што конфликтите, екстремните временски услови и зголемените цени на храната ја изложија кревкоста на локалните економии, предизвикувајќи недостиг на средства за хуманитарниот сектор.
Нарушениот глобален синџир за снабдување со храна е непобитна последица на војната во Украина, пишува Вашингтон пост, посочувајќи на минатомесечната изјава на заменик директорот на УСАИД Изобел Колман дека на светот „недостигаат околу 11 милиони тони пченица за извоз што традиционално оди во најсиромашните земји.”
Претставници на ОН истакнуваат дека новите глобални бројки за глад всушност го вратија светот таму каде што беше во 2015 година, кога беа усвоени целите за одржлив развој, и дека многу земји во Африка се соочуваат со значителни предизвици со јавниот долг, структурните реалности кои придонесуваат за инфлацијата и криза со храна.
Во исто време, официјалните лица се загрижени дека потребата од храна и залихи за ранливите заедници нема да биде задоволена со хуманитарни донаторски активности на Запад поради тешкотијата да се соберат потребните средства.
Војната во Украина, истакнува Вашингтон пост, ја пренасочи помошта на европските влади и го стесни донаторскиот фонд за кризи во другите делови на светот.
Главниот економист на Светската програма за храна (WFP) Ариф Хусеин изрази загриженост поради кратењата на финансирањето, посочувајќи дека неговата агенција, која испорача помош во храна на повеќе од 160 милиони во 2022 година, сега доби една третина помалку средства отколку во истиот период минатата година.
Предизвици и можности
Додека WFP повикува на многу посилен хуманитарен одговор на кризата со храна, Меѓународниот фонд за земјоделство и развој (IFAD) посочува дека е неопходна целосна трансформација на глобалните системи за храна, посочува Политико.
Помошта во храната е потребна за да се спасат животи, но „тоа е нешто што ќе управува со ситуацијата, но нема да ја трансформира ситуацијата“, рече претседателот на ИФАД, Алваро Ларио, повикувајќи на масовна мобилизација на средства за рурален развој и локални системи за земјоделство и храна.
Брзата урбанизација предизвикува промени во земјоделско-прехранбените системи, создавајќи предизвици и можности за здрава исхрана, според дел од извештајот на ОН кој ги разгледува новите докази за урбанизацијата.
Поделбата меѓу руралните и урбаните средини повеќе не е она што беше, рече Лари, додавајќи дека поголема урбанизација и поврзаност меѓу руралните, урбаните и периурбаните области значи „ново однесување на потрошувачите и навики за исхрана“.
Извештајот покажа дека луѓето јадат повеќе преработена храна на глобално ниво, а не само во урбаните области, и дека повеќе луѓе се со прекумерна тежина, што претставува нови здравствени предизвици поврзани со исхраната.
Демографското поместување создава и можности, потенцира првиот човек на ИФАД.
„Повисоките приходи и менувањето на животниот стил водат кон исхрана што ги надминува традиционалните житарки, кон млечни производи, риба, месо, зеленчук, овошје“, рече Ларио, додавајќи дека оваа нова побарувачка обезбедува многу нови можности за малите фармери „да ги хранат градовите.
Ова, додава Политико, би можело да создаде работни места со повисоки приходи за земјите во развој кои во моментов се во голема мера зависни од увозот на храна.